Овој месец ќе бидат распишани тендери за седум патни правци во Пелагонискиот регион во должина од преку 140 километри во вредност од 25 милиони евра, што е потврда дека инвестициите во капиталните проекти се реализираат со големо темпо, изјави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески во Прилеп.
Сугарески заедно со директорот на Агенцијата за финансиска поддршка и рурален развој, Николчо Бабовски и со прилепскиот градоначалник Илија Јованоски изврши увид во изградбата на патот од Прилеп, преку населените места Волково и Прилепец, до манастирот „Свети Никола” во должина од 5,5 километри.
Според Сугарески, има силна динамиката во реализацијата на сите проекти во инфраструктурата, како во делот на патиштата, така и во гасификацијата, железницата и комуналната мрежа.
– Од август, или септември, преку ЕБОР ќе започнат да се работат седум патни правци со вкупна должина од 148 километри или инвестиција од 25 милиони евра. Меѓу овие седум патишта е и рехабилитацијата на патот од Фариш до Прилеп, инвестиција од преку пет милиони евра, со што ќе имаме комплетно нов рехабилитиран пат од Градско до Прилеп, изјави Сугарески.
Тој нагласи дека претходно се завршени обновите на регионален пат Прилеп–Тополчани–Битола и патните правец Прилеп-Прилепско Езеро и Лагово-Штавица-Витолиште, а во завршна фаза е и обновата на патниот правец од Раец до Фариш.
– Веќе следната недела ќе се објави тендерот за изградба на канализација со пречистителна станица за населеното место Мало Коњари, додаде Сугарески.
Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка и рурален развој, Николчо Бабовски објасни дека проектите за изградба на овие патишта се дел од програмите за рурален развој кои Агенцијата ги реализира за да се подобрат условите за животот и престојот во руралните средини.
– Прилеп, заедно со Планскиот пелагониски регион има добиено четири проекти или околу еден милион евра. Агенцијата преку оваа програма за рурален развој финансира проекти во висина од 38 милиони евра, со што покажуваме дека се грижиме за еднакви услови за живот и за престој, како и за развојот на малите бизниси во руралните средини, рече Бабовски.
Прилепскиот градоначалник Илија Јованоски смета дека овој пат е дел од големиот инвестициски циклус што го работи Општината во патната инфраструктура.
– Само за овие три месеци направивме 25 километри патна инфраструктура во Општината од кои 10 километри во градот и околу 15 километри во населените места. Вчера започна и рехабилитација на патниот правец од Кадино Село до Галичани и со тоа го заокружуваме пролетниот дел од градежната офанзива во Прилеп, изјави Јованоски.