По повод 14 јули – Националниот празник на Франција наместо традиционалната парада на Елисејските полиња ќе се одржи воена церемонија на плоштадот Конкорд, на која исто така ќе им се оддаде почит на здравствените работници, јави дописникот на МИА.
На церемонијата, како што соопшти Елисејската палата, ќе присуствуваат 2.000 учесници и околу 2.500 гости, во согласност со правилата за физичка дистанца.
Церемонијата, која ќе вклучува воздушна парада, ќе и оддаде почест на учеството на француските армии во борбата против Ковид-19, како и на медицинскиот персонал, на кој Французите им аплаудираа секоја вечер за време на изолацијата, како и на сите актери мобилизирани против вирусот, се наведува во соопштението од Елисејската палата.
Во моментов не е планирано да се отвори настанот за пошироката јавност, но „ситуацијата би можела да се преиспита до 14 јули” доколку се подобри здравствената состојба.
На 13 мај претседателот на Франција, Емануел Макрон побара од Советот на министри Националниот празник да биде дополнителен повод да им се изрази почит и признание на сите оние што се вклучени во борбата против Ковид-19.