Министерството за животна средина и просторно планирање го одбележува 5 Јуни – Светскиот ден на животната средина со изработка на Студија за валоризација и Нацрт-план за управување со споменикот на природата Охридско Езеро, како и Нацрт-план за управување со идниот Национален парк Шар Планина, како резултат на одобрениот грант од Меѓунаропдниот сојуз за заштита на природата (IUCN – International Union for Conservation of Nature).
Проектот ги следи определбите и континуираните активности на МЖСПП за валоризација или ревалоризација на природните вредности на заштитени подрачја во согласност со Законот за заштита на природата, Националната стратегија за заштита на природата со Акционен план (2017-2027) и Националната стратегија за биолошка разновидност за период (2018-2023) во правец на постигнување на поставените цели за зголемување на процентот на заштитените подрачја на целата територија на државата.
– Активностите се во рамки на тековниот ГЕФ/УНЕП проект: „Постигнување на заштита на биолошката разновидност преку создавање и ефикасно управување со заштитени подрачја и интегрирање на биолошката разновидност во планирање на користење на земјиштето” (СТАР 5).Проектот ќе биде спроведен од страна Регионалната канцеларија на Меѓународната унија за заштита на природата за Источна Европа и Централна Азија (IUCN ECARO) во соработка со МЖСПП и УНЕП, а со учество на меѓународни и национални експерти. IUCN ќе ги примени најдобрите меѓународни стандарди за заштитени подрачја, вклучувајќи ги и сопствените упатства за најдобри практики, соопшти МЖСПП.
Со изработката на Студијата за валоризација на Охридско Езеро,се овозможува МЖСПП да отпочне со постапка за ре-прогласување на Охридско Езеро за заштитено подрачје во согласност со Законот за заштита на природата.
Нацрт-планот за управување со Шар Планина ќе биде изготвен врз основа на податоците од Студија за валоризација на Шар Планина (2020), која исто така беше изготвена со финансиски помош од ГЕФ/ УНЕП.
МЖСПП наведува дека изработката на плановите за управување за двете подрачје ќе се помогне на идните тела за управување на заштитените подрачја за обезбедување ефикасно управување со заштитените подрачја и исполнување на одредбите од националната и меѓународната легислатива за заштита на природата, како и исполнување на барањата на ЕУ директивите за живеалишта и птици.
-Преку изработката на трите документи ќе се овозможи имплементација на активностите предвидени во Годишната Програма за заштита на природата за 2020 година на МЖСПП, додава Министерството.