Тинејџерка кој избола до смрт маж за кој тврдела дека ја силувал, судот во американската сојузна држава Ајова ја осуди на пет години условно, пишуваат американските медиуми.
Според написите, Пипер Луис (17) исто така мора да плати 150.000 долари како отштета на семејството на Захари Брукс.
Минатата година таа се изјаснила за виновна за убиство од небрежност и намерна повреда. Доколку ја прекрши условната казна, ќе се соочи со 20 години затвор.
Судот наредил дека мора да живее во специјален објект и да носи мониторинг уред.
„Мојот дух е уништен, но сè уште сјае низ пламенот. Погледнете ме како сјајам и растам. Јас преживеав“, изјавила Луис а пренесе Би-би-си.
Во 2020 година тинејџерката спиела во ходник откако избегала од насилнички дом. Мажот ја примил и почнал да ја продава на други за сексуални услуги. Луис изјавила дека еден од мажите кои платиле за неа бил Брукс (37) и дека ја силувал многу пати.
Тинејџерката, која тогаш имала 15 години, го избола Брукс повеќе од 30 пати во јуни 2020 година. Иако прифатила дека сторила кривично дело, таа ги бранела своите постапки, наведува медиумот.
„Одземав нечиј живот. Но тој ден не мислев. Чувствував дека не сум безбедна и дека сум во опасност, поради што го направив тоа. Но, тоа не го негира фактот дека направив кривично дело“, изјавила Луис.
Полицијата и обвинителството не оспорувале за време на судењето дека Луис била сексуално злоупотребувана и со неа се тргувало. Но, обвинителството тврдело дека Брукс спиел кога таа го избола и затоа не претставувал непосредна закана во тој момент.