Бразилските власти ги отстраниле од владиниот сајт повеќемесечните податоци за бројот на заразени и умрени од коронавирусот, откако беше критикуван начинот на кој претседателот Жаир Болсонаро се справува со епидемијата.
Регионалните здравствени власти во Бразил ја обвинија владата на Жаир Болсонаро за „криење” на точниот број на смртни случаи од коронавирусот.
Министерството претходниот ден престана да го објавува вкупниот број жртви на коронавирусот во Бразил и го дава само бројот на умени во последните 24 часа, наведува Би-Би-Си, бидејќи Болсонаро кажал дека кумулативните податоци не ја даваат вистинска слика за состојбата во земјата.
„Авторитарниот, грозен и нехуман обид да се сокријат мртвите од Ковид-19, што се противи на етиката, нема да успее”, соопшти Националниот совет на министри за здравство откако службеник на Министерството за здравство изрази сомнеж во официјалните бројки.
Бразил се наоѓа на второто место во светот според бројот на заразени со коронавирус, а од неодамна има и најмногу смртни случаи во еден ден од сите други нации.
Доисега во земјата се регистрирани над 670.000 заразени лица, а се верува дека оваа бројка е многу поголема заради недоволното тестирање. Бразил е на третото место во светот според бројот на жртви од Ковид-19 со повеќе од 35.000 смртни случаи.