Владата на Косово на денешната седница донесе одлука за олеснување на мерките за заштита од епидемијата на Ковид-19, меѓу кои и за целосно отворање на границата со Албанија, јави дописникот на МИА од Приштина.
Министерот за здравство Арменд Земај изјави дека од утре, понеделник, се укинува мерката на самоизолација, како и дека ќе се овозможи слободно движење на граѓаните и стоките, без временските ограничувања кои беа во сила досега.
– Од понеделник граѓаните кои влегуваат во Косово нема да подлегнат на самоизолација и наместо да се тестираат тие ќе бидат прегледувани од екипите на здравствените центри на граничните премини. Исто така, од понеделник ќе се овозможи целосно слободно движење на луѓето и стоките, односно се укинува ограничувањето на движењето од 5 до 21 часот, изјави Земај.
Тој информира дека дневните анализи на Министерството за здравство и Институтот за јавно здравство на Косово покажуваат оти здравствената ситуација во земјата е стабилна, со благ пораст на заразени од новиот коронавирус во одредени општини.
– Треба да ни е јасно дека вирусот е и натаму активен, иако со намален интензитет. Затоа бараме стриктно почитување на препораките на министерството и институтот и секое прекршување на правилата ќе се смета за загрозување на здравјето и животот на другите, изјави Земај.