Турската Влада денеска нареди апсење на 149 лица, пред се припадници на безбедносните сили, осомничени дека се поврзани со мрежата на исламскиот проповедник Фетулах Ѓулен, кого Анкара го обвинува дека е организатор на обидот за државен удар во јули 2016 година.
Канцеларијата на Обвинителството во западната провинција Баликесир нареди апсење на 74 лица, од кои шест се поранешни шефови на полицијата и претставници на безбедносните сили.
Обвинителството на југоисточната провинција Газиантеп нареди апсење на 33 лица, од кои 24 се активни припадници на безбедносните сили. Додека во Бурса, западна Турција издадена е наредба за апсење на 42 луѓе од кои и шест војници.
Од 2016 година околу 8.000 лица чекаат судење, додека 150.000 јавни службеници, припадници на војската и други добија отказ или беа суспендирани поради сомнение дека учествувале во пучот.
Ѓулен, според Анкара главниот организатор на државниот удар, живее во САД.