Хуманитарна акција на „Сите заедно можеме” за сите народни кујни во земјава

Граѓанското здружение „Сите заедно можеме” почнува со реализација на нова хуманитарна акција за достава на помош до сите народни кујни во државата.

– Преку оваа хуманитарна акција сакаме да им помогнеме на граѓаните кои се најранливи во време на оваа глобална пандемија, но, во исто време да им помогнеме, да им олесниме и на надлежните институции кои се грижат за овие наши сограѓани. Нашата цел е со оваа хуманитарна акција да ги опфатиме сите 49 народни кујни во земјава кои опслужуваат околу 3.200 граѓани, на кои оброкот им е неопходен, соопштија од Здружението „Сите заедно можеме”.

Од таму информираат дека запазени се сите законски постапки, извршени се консултации со надлежното Министерство за труд и социјална политика кое, како што се наведува, даде прецизни упатства за начинот на доделување на оваа наша хуманитарна донација.

Најавуваат дека помошта за храна, компир, зелка, кромид, сол, брашно, месен нарезок, паштета, макарони и слични производи ќе стигне до секоја народна кујна во земјава, во секое населено место, во зависност од бројот на корисници кои ги опслужува. Од Здружението додаваат дека ќе ги покријат трошоците за транспорт.

– Хуманоста и помагањето се наши водилки, тука сме да им помогнеме на граѓаните сега, кога помошта им е неопходна. Само хумани, сплотени, сите заедно, можеме да си помогнеме. Тоа е човечки, тоа е одговорно, тоа е вредно, за сите нас, за целата наша држава, соопштија од Граѓанското здружение „Сите заедно можеме”.

Треба да знаете
Последни објави