Во Сингапур петиција против носење уред за следење лица заразени со Ковид-19

Најавата за евентуално носење уред за следење лица заразени со вирусот Ковид-19 во Сингапур предизвика протести кај граѓаните на оваа земја, изразени во форма на покренување онлајн петиција против оваа одлука, пренесува Си-Ен-Ен.

Во петокот, Парламентот во Сингапур ја разгледа можноста за носење уред за следење на луѓето заразени со коронавирусот, откако доброволното користење на мобилната апликација за иста цел не ги даде очекуваните резултати.

Иако сè уште не е познато дали носењето уред за следење ќе биде задолжително, идејата предизвика незадоволство кај Сингапурците, кои покренаа онлајн петиција против воведувањето на таква одлука. За време на викендот беа собрани околу 30.000 потписи.

„Ние – како слободни, независни и законски припадници на сингапурската јавност – ја осудуваме употребата на уредот како силно кршење на нашите права на приватност, личен простор и слобода на движење”, се вели во петицијата.

Сингапур е една од земјите најтешко погодени од пандемијата во регионот, со повеќе од 37.000 потврдени случаи на заразени, најмногу меѓу работниците мигранти кои живеат во колективно домување каде е отежнато почитувањето на физичката дистанца.

Треба да знаете
Последни објави