Турција нареди притворање на 149 лица, главно од безбедносните сили, под сомнение дека се поврзани со мрежата за која Анкара вели дека организирала неуспешен пуч во 2016 година, пренесува државната новинска агенција „Анадолија“.
Властите спроведуваат континуирана акција против наводните следбеници на американскиот муслимански свештеник Фетулах Ѓулен од неуспешниот пуч во јули 2016 година, кога беа убиени 250 лица.
Ѓулен негира каква било вмешаност. Поранешен сојузник на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган живее во самонаметната егзил во Пенсилванија од 1999 година.
Обвинителството во западната провинција Баликешир нареди притвор за 74 лица, сите претходно отпуштени од безбедносните сили, а меѓу нив се и шестмина поранешни началници на полицијата, велат службите за безбедност и „Анадолија“.
Обвинителите во југоисточната провинција Газиантеп наредија притвор на 33 лица, меѓу кои и 24 припадници на безбедносните сили на активна должност. Во соопштението се вели дека во западната провинција Бурса, обвинителите наредиле притвор за 42 лица, меѓу кои и шестм војници на активна должност.
Ердоган со години ги обвинуваше приврзаниците на Ѓулен дека формираат „паралелна држава“ со тоа што се инфилтрираат во полицијата, судството, војската и во другите државни институции.
Од обидот за пуч, повеќе од 80.000 луѓе се во притвор во очекување на судење, а околу 150.000 државни службеници, воени лица и други беа разрешени или суспендирани. Западните сојузници на Турција го критикуваа обемот на реакцијата, а Анкара ги бранеше мерките како неопходен одговор на безбедносната закана.