Израел ќе запре со олабавување на мерките наметнати поради пандемијата на коронавирус по наглиот пораст на нови случаи на заразени, изјави израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
– Имаше многу остар пораст на бројот на новозаразени, рече Нетанјаху, додавајќи дека повторно ќе бидат воведени ограничувања за да се запре трендот.
– Одлучивме да престанеме со олеснување на мерките што ги планиравме за наредните неколку дена, рече израелскиот премиер.
Тој предупреди дека Израел може да се соочи со двојно повеќе нови инфекции во наредните десет дена и ги повика граѓаните да одржуваат физичка дистанца, да носат заштитни маски и да одржуваат лична хигиена.
Нетанјаху не прецизираше кои мерки требале да бидат олабавени, но израелските медиуми објавија дека требало да се обноват железничките врски, а се очекуваше да се отворат и театрите и кината.
Израел пријави вкупно 17.863 случаи на заразени со коронавирус и 298 смртни случаи.