Патувањето на голем број граѓани, пред се од Скопје, во Охрид и другите туристички места во земјата изминатиот викенд за да го избегнат полицискиот час, може да придонесе за ширење на вирусот Ковид 19. Ваквата можност не ја исклучува епидемиологот и претседател на Комисијата за заразни болести д-р Жарко Караџоски.
Тој рече оти очекувањата на Комисијата која ја предложи мерката за целосно ограничување на движењето во дел од општините со најголем број случаи на Ковид 19 позитивни, меѓу кои и за целиот град Скопје, биле дека населениото ќе ја почитува.
-Ако ме прашате лично, да, се надевав на полна кооперативност за спроведување на овие мерки. Но секогаш има некој кој не сака да ја почитува оваа мерка и многумина со семејствата заминаа надвор од местото на живеење. Се проценува дека станува збор за неколку илјади скопјани од коишто дел од нив можеби имале асимптоматски вирус во себе, и потенцијално можеле да го пренесат вирусот во местата каде што биле, изјави на прес конференција попладнево епидемиологот Караџоски.