Претседателот Доналд Трамп синоќа во соопштение на Твитер укажа дека 75 годишниот човек, кој на протестот против полициската бруталност во Бафало, Њујорк, беше турнат од полицијата, „можеби е” претставник на радикалното левичарско движење Антифа.
-Протестантот од Бафало турнат од полицијата може да е Антифа провакатор, напиша Трамп на Твитер.
Многумина учесници во демонстрациите против убиството на Афроамериканецот Џорџ Флојд од страна на полицијата во Минеаполис, што изминитите десеттина денови се одвиват во САД, беа изненадени од овој твит на претседателот.
-Мартин Гугино беше турнат и изгледа ги скенираше полициските комуникации за да ја блокира опремата. Видов како се удри посилно отколку што го турнаа, најверојатно е местенка, напиша Трамп.
Демократите и активистите ова тврдење го окарактеризираа како „теорија на заговор”, „провокација” и „фрлање бензин во огнот”.
Откако минатата недела на протест во Бафало беше силно турнат од двајца полицајци, кои подоцна беа ослободени од должноста, Гугино падна на бетонскиот тротоар и се здоби со крварење од едното уво и потрес на мозокот. Беше однесен во болница каде сеуште се опоравува.
Според американските медиуми кои веднаш дознаа детаљи за животот на протестантот, Гугино е активист кој учествувал на многу протести уште од 2011 година, како „Окупај” или разни митинзи против климатските промени.
Неговите соседи и пријатели го опишуваат како „многу галантен и пријатен човек”.