Израелскиот супермодел Бар Рафаели и нејзината мајка потпишаа спогодба со Обвинителството поради затајување данок врз основа на што таа прифати вина со цел да избегне затворска казна. Бар Рафаели е осудена на девет месеци општокорисна работа место затвор, а мајка ѝ Ципи Рафаели ќе биде зад решетки 16 месеци.
И двете ќе бидат дополнително осудени на условни казни и ќе треба да платат по 720.000 долари, како и да платат данок од 2,3 милиона долари, јавуваат израелските медиуми.
Обвинителите соопштија дека 34-годишната Бар Рафаели скрила стотици милиони долари заработка од даночната управа од 2009 до 2012 година кога живеела делумно во странство, а делумно во Израел. Таа тврди дека живеела претежно во странство, а обвинителите велат дека лаже и дека не ги пријавила приходите, скапите подароци и попустите што ги добила додека била во Израел. Супермоделот исто така тврди дека не знае ништо за обидите да се скрие заработката во тој период.
Во јули минатата година таа поднесе жалба до Високиот суд на правдата против одлуката на понискиот суд да плати данок на доход во странство. Таа рече дека нејзината врска со холивудскиот актер Леонардо ди Каприо била толку блиска што се сметале за семејство и дека живее во САД, а не во Израел.
Но, судијата смета дека за време на тие години Рафаели имала семејни, финансиски и социјални врски во Израел и покрај нејзината врска со Ди Каприо и немала постојан дом во САД. Покрај тоа, тој изјави дека Ди Каприо не сведочел во прилог на Рафаели и нема докази за тоа како тој ги гледа нивните односи, ниту за неговите намери.
Случајот почна во декември 2015 година кога Рафаели беше обвинета дека криела 250.000 долари, што ги добила како славна личност. Мајка ѝ Ципи е обвинета за проневера на милион долари, приход што го добила додека работела како агент на ќерка си.