Претседателот на ДУИ, Али Ахмети истакна дека Албанците во земјава се на раководни позиции повеќе од било кога, но тоа не било доволно и повика на избирање на премиер Албанец.
„Охридскиот Договор се спроведува. Албанскиот јазик веќе има рамноправен и службен статус исто како и нашето знаме. Преспанскиот Договор е потпишан и Уставот е изменет. Ние сме полноправна членка на НАТО и преговараме за членство во Европската Унија. Денес, повеќе од било кога, Албанците предводат раководни позиции како претседатели на Врховен и Уставен Суд, Министри за Одбрана и Внатрешни работи заедно со клучни државни институции како и Претседателот на Собранието. Но сепак, ова не е доволно. Сега е време сонот да продолжи. Време е за поголеми сништа, затоа што дојде време да постигнеме повеќе“, рече Ахмети, истакнувајќи дека е време за првиот премиер Албанец во Северна Македонија.
До оние на кои оваа идеја им се чини неостварлива, првиот човек на ДУИ порача дека кога Албанците сонувале за слободата во 2001 година, истата категорија на луѓе, се потсмевала и го кренала белото знаме. Истото се случило и со идејата за претседател на Собранието и со рамноправноста на албанскиот јазик.
„Во држава каде еден Албанец или Албанка може да стане премиер и да биде достoен предводник кој ќе гарантира доживотно партнерство со Соединетите Американски Држави и Европската Унија“, вели Ахмети.
Ахмети понатаму појасни дека тој нема да биде кандидатот за премиер:
„Оваа идеја е поголема од секоја партија и секоја личност. Ова идеја не се однесува на ДУИ и секако најмалку се однесува на мене лично. Јас сум
тука за да му го продолжам животниот век на процесот, да го предводам концептот, да станам мост и да го трасирам патот создавајќи околности за
остварување на сонот, а останува на Вас да го спроведете. Јас сеам за Вие да жнеете. Јас сонувам за Вие да остварувате. Јас ќе бидам храбар за
Вие да го доживеете тоа“, рече Ахмети.
Тој побара обединување, истакнувајќи дека првиот премиер Албанец ќе бил премиер на Албанците и на сите.
„Премиер кој обединува и ќе започне нова епоха не само во Албанската историја, туку и во таа на Северна Македонија, дури и во Европската историја. Сега е време. Време е да се обединиме, време е повторно да дејствуваме заедно“, рече Ахмети.