На седницата на Конференцијата на приватни високообразовни установи, која се одржа на 9 јуни 2020г., беше дискутирана Уредбата со законска сила на Владата за издавање домашна платежна картичка, како финансиска поддршка за млади лица. Имено, како млади лица, во оваа одлука се опфатени државјани на возраст од 16 до 29 години, кои се ученици во формалното средно образование или се редовни студенти на државните универзитети во Република Северна Македонија.
Тоа значи дека оваа поддршка не може да ја добијат студентите на приватните високообразовни установи, со што тие се ставаат во нерамноправна положба. Со тоа, се крши уставното право на студентите да ги имаат истите можности за добивање финансиска помош од државниот буџет во услови на вирусна пандемија и загрозена егзистенција на нивните семејства поради економските последици од здравствената криза, едвакво како и студентите од јавните универзитети.
Со оглед на тоа дека при одредување на правата на граѓаните, Уставот не прави разлика во статусот на студент запишан на државен или приватен универзитет, студентите од приватните универзитети се дискриминирани и им е повредено правото на еднаквост, загарантирано со член 9 од Уставот на РСМ и Законот за високо образование.
Оттука, Конференцијата на приватни високообразовни установи, бара во најкус можен рок да се исправи оваа неправда и да им се додели финансиска помош на сите студенти, вклучително и оние од приватните универзитети.