Лидерот на партијата Движење самоопределување (ВВ) и доскорешен премиер на Косово, Албин Курти ги повика граѓаните да излезат утре во центарот на Приштина на сенароден собир со кој ќе се одбележи 21-годишнината од ослободувањето на Косово и 15-годишнината од основањето на партијата, јави дописникот на МИА од Приштина.
Преку видео-порака Курти ги повика граѓаните утре во 17 часот да излезат на собирот кој, како што нагласи, ќе биде мирен, со музика и говори, додека „протести ќе има понатаму, бидејќи тие се неминовни”.
По повод утрешниот собир реагира Амбасадата на САД во Косово, која ги повика американските граѓани да ги избегнуваат приштинските плоштади, напоменувајќи дека „и собирите кои се прокламираат како мирни можат да се претворат во насилни”.
– Неколку настани се најавени до 17 јуни 2020 година. Меѓу тие настани, но не само тој, е 21-годишнината на ослободувањето на Косово и 15-годишнината на Движењето самоопределување. ВВ организира политички протест („собир”) на 12 јуни на плоштадот „Скендербег” во Приштина. Американскиот владин персонал и американските граѓани се советуваат да ги избегнуваат зоните на демонстрации и да бидат внимателни доколку се најдат во близина на некој голем собир, протест или демонстрации, се вели во соопштението.
Освен што можат да прераснат во насилни, порача американската Амбасада, „таквите собири со голема бројност можат да се претворат во супер-настан за ширењето на Ковид-19″.
Курти во изјава за агенцијата КосоваПрес соопштението на американското дипломатско претставништво го оцени како „шаблон кој редовно се користи кога има собири”.
Откако на 25 март Собранието му изгласа недоверба, а на 3 јуни и го разреши кабинетот на Курти, ВВ покрена петиција со барање за нови парламентарни избори и најави протести против новата влада, предводена од Авдулах Хоти од Демократскиот сојуз на Косово, за која тврди дека е нелегитимна.