Комесарот за човекови права на Советот на Европа, Дуња Мијатовиќ во најновиот извештај по посетата на Грција во јуни нагласува дека Грција треба да ги заштити социјалните права на сите и да го подобри приемот и интеграцијата на мигрантите, јави дописникот на МИА.
-Грција треба да преземе итни мерки и да донесе долгорочни политики за подобрување на приемот и интеграцијата на мигрантите за да ги промени негативните ефекти од мерките за штедење за пристапот до здравствената заштита и образованието, рече Мијатовиќ при објавувањето на извештајот.
Комесарот предупредува дека и покрај напорите направени од народот и грчките власти за пречекување на мигрантите, што е за пофалба, условите за прием остануваат далеку под прифатливите стандарди, особено на островите.
-Властите мора итно да се справат со лошите хигиенски услови, психолошката вознемиреност и неизвесноста што го загрозуваат здравјето на мигрантите и барателите на азил на островите. Особено, тие треба да ги забрзаат трансферите кон континентот и исто така да го подобрат капацитетот за прием на мигрантите. Европските партнери на Грција треба да ја покажат својата солидарност со тоа што ќе ја поддржат Грција во нејзините напори за подобрување на условите за прием , вели таа.
Комесарот Мијатовиќ, исто така, е длабоко загрижена за лошото сместување и недостатокот на социјална поддршка од која страдаат повеќето осамени деца мигранти во Грција и е вознемирена од лишувањето од слобода на лицата задржани во режимот „притвор”.
Истакнувајќи дека Грција станува земја дестинација, а не е само транзитна земјат, комесарот Мијатовиќ ја потенцира потребата да се инвестира во интеграцијата преку сеопфатна и долгорочна политика, фокусирана особено на обединувањето на семејството, долгорочно живеалиште и државјанство, образование, стручно оспособување, курсеви за јазик и интеграција и борба против расизмот и дискриминацијата врз мигрантите.