На веб-страната на Министерството за економија е објавен Јавниот повик за финансиска поддршка за зајакнување на конкурентноста на деловните субјекти во пост Ковид-19 периодот, преку која се реализира мерката за поддршка на компаниите кои инвестирале во време на пандемијата, која е дел од Третиот сет економски мерки на Владата.
Оваа мерка предвидува финансиска поддршка од 20 милиони евра за сите деловни субјекти од преработувачката индустрија, трговијата и ИТ секторот кои во текот на 2020 година ќе реализираат инвестиција.
„Главната цел на оваа мерка е да се помогнат компаниите кои ќе ги изгубат пазарите за повторно освојување на пазарите- зголемување на нивната конкурентност, модернизација на процесите, зголемување на продуктивноста со што ќе се одржат деловните потфати кои ќе придонесат за опоравување на економијата на земјата, преку реализација на инвестициски проект во пост-ковид периодот од јули до декември 2020 година“, соопшти Министерството за економија.
Висината на финансиската поддршка изнесува 25% од реализираната инвестиција според инвестицискиот план кој што ќе го достави апликантот но не но не повеќе од:
-40.000 евра за компании кои оствариле вкупен приход во 2019 година не повисок од 1.000.000 евра
-100.000 евра за компании кои оствариле вкупен приход во 2019 година од 1.000.001 еврo до 10.000.000 евра
-140.000 евра за компании кои оствариле вкупен приход во 2019 година од 10.000.001 еврo до 50.000.000 евра
-200.000 евра за компании кои оствариле приход во 2019 година повеќе од 50.000.000 евра.