Премиерот на Австралија Скот Морисон се извини за претходната своја изјава кога рече дека немало ропство во неговата земја, јави Си Ен Ен.
Морисон стана цел на остри критики откакоза време на вчерашната дебата за првите денови на британското населување, кои ги опиша како „доста брутални”, рече дека во Австралија немало ропство. Голем број историчари, абориџински активисти и дел од пратениците изразија шокираност и згрозеност од коментарот.
На денешната прес-конференција во Канбера, Морисон рече дека во претходната изјава мислел на фактот дека првата австралиска колонија Нов Јужен Велс била основана без распространето ропство.
– Моите коментари не беа наменети да навредам никого, а ако навредив, јас длабоко жалам и се извинувам, рече Морисон, додавајќи дека тој е страствен заговорник за правата на австралиските Абориџини.
.- Моите предци биле во првата и втората флота на осудени доселеници. Тоа било прилично брутално место, но во Австралија немаше ропство, рече Морисон во спорната изјава.
Иако немало ропство во Австралија до тој степен како во јужните делови на САД, ропството постоеше во таа земја во текот на 19 и 20 век, на места како плантажи со шеќерна трска во Квинсленд. Другите критичари укажаа на присилното носење на жители од пацифичките острови да работат во лоши услови без плата.
– Ропството на домородните мажи, жени и деца е документирано, рече Шарман Стоун, поранешна пратеничка, а сега професорка на Универзитетот Монаш. Таа додаде дека робовите оделе во риболов или биле домашна работна сила.