Без договор заврши средбата на лидерите на СДСМ Зоран Заев и на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски која беше свикана на иницијатива од претседателот Стево Пендаровски, за да се прецизира датум за предврмените парламентарни избори кои беа закажани за 12 април, но поради пандемијата со коронавирусот и прогласувањето на вонредната состојба, изборните активности беа прекинати и ставени во мирување. Трагањето по прифатлив датум за лидерите ќе продолжи. Тоа е највено во кусото соопштение од кабинетот на претседателот Пендаровски.
И Заев и Мицкоски по средбата која траеше речиси три часа потенцираа дека во интерес на разговорите се договориле соопштение да објави претседателскиот кабинет.
-Во интерес на разговорите се договоривме претседателот на државата Стево Пендаровски да испрати соопштение. Не успеавме да постигнеме договор. Во интерес на тоа што оставивме можност секако во текот на утрешниот ден доколку една од страните заклучи дека треба да се слушнеме – ќе се слушнеме. Остануваме на соопштението. Нема да дадеме дополнителни коментари во делот на изјавата, ниту да даваме одговор на прашањата. Тоа е усогласен став со претседателот на државата Пендаровски и со Мицкоски, изјави Заев.
И Мицкоски упати на соопштението, потенцирајќи дека за тоа што се зборувало денеска и во деновите што ќе следат ќе има дополнителни информации зависно од развојот на настанате.
-Во интересот на процесот, во интерес на сложеноста на целата ситуација донесовме заеднички заклучок претседателот преку соопштение ја информира јавноста за тоа што денеска се зборуваше и деновите коишто следат, што се пред нас, ќе имате дополнителни информации за тоа како ќе се развиваат настаните. Она што е важно е дека до овој момент се уште нема договор, изјави Мицкоски.