Без учество на сите политички фактори изборите ќе предизвикаат криза, рече денеска Бујар Османи од ДУИ, според кого, таа криза ќе прерасне во институционална и ќе ги загрози преговорите со Европската унија. Изборите според законите по престанување на вонредната состојба треба да се одржата на 5 јули.
Според него, изборите денес се повеќе потребни од претходно кога беа договорени за 12 април. Смета дека само со политичка Влада и функционално Собрание, државата ќе може да се справи со последиците од коронавирусот.
-Исправени сме пред нов предизвик, како да ја заокружиме оваа неприродна состојба без да предизвикаме нова политичка криза, која навистина не ни е потребна. Завршувањето на вонредната состојба не значи дека е завршена епидемиолошката закана и потребата од ефикасно справување со последиците од пандемијата, туку напротив, потребна е стабилна и одговорна Влада, со политичко мнозинство која во целост ќе ја преземе одговорноста за сите предизвици кои се пред нас, вели Османи.
Тој додава дека изборите имаат смисла само ако граѓаните навистина имаат избор да ги изберат претставниците кои ќе ги претставуваат во Парламентот.
-Без учество на релевантните политички фактори, изборите во овие услови ќе претставуваат нова политичка криза, која како по правило кај нас се претвора во институционална криза, за потоа да стане закана и за евентуална безбедносна криза. Би било неодговорно ако тоа го дозволиме, рече Османи.