Тешко им е на сите на кои во моментов им е потребен автомобил, бидејќи роковите за испорака се долги, пазарот за половни автомобили е празен, а преостанатите половни автомобили се скапи.
Во исто време, ова е добро време за продавачите бидејќи секој што сака да го продаде своето половно возило и натаму може да заработи повеќе пари од било кога.
Според моменталниот индекс на цената на половните автомобили “AutoScout24” (AGPI), купувачите на половни автомобили во Австрија мора да издвојат во просек 27.472 евра за половен автомобил.
„На поскапувањата не им се гледа крајот. Пред пандемијата во август 2019-та година просечен половен автомобил би чинел 19.859 евра, што е 7.660 евра помалку отколку денес. Но, дури и пред една година, во летото 2021-ва година, просечната цена и натаму била 3.700 евра под сегашното ниво“, објаснува за “Neue Kronen Zeitung” Александар Висек, менаџер за продажба во “AutoScout24” во Австрија.
Австрискиот пазар за половни возила забележал најголем раст на цените во рамките на сегментот на возила од високата средна класа, за 17,5 проценти, со просечна цена од 31.737 евра. Посебно се популарни малите автомобили кои забележале раст на цената од 14,3 проценти (просечна цена од 15.110 евра). Средната класа во август 2022-ра година имала просечна цена од 25.731 евро и исто така пораснала за 14 проценти на годишно ниво, а потоа следи повисоката класа чија просечна цена моментално е 63.374 евра, пишува “Revija HAK”.
По цена од 10.473 евра, автомобилите стари меѓу 10 и 20 години чинат една третина повеќе отколку пред една година. Цената на автомобилите на старост од 5 до 10 години пораснала од 16.605 евра на 21.574 евра. Но, и “помладите” модели поскапеле и до 20 проценти.