До Агенцијата за храна и ветеринарство никој од граѓаните до денес не пријавил дека пронашол банани со таблети- вела за 24 инфо од Агенцијата откако во петокот објавивме видео во кое се гледа дека истите се купени во Тетово и се полни со таблети. Од Агенцијата апелираат до граѓаните да пријават лично доколку забележат некакви недоследности во купената храна .
-До Одделението за заштита на потрошувачите при Агенцијата за храна и ветеринарство не е поднесена претставка од граѓани дека на македонскиот пазар се продава небезбезбеден производ – банани, во кои, според снимките што викендов беа пласирани на некои интернет портали биле најдени таблети. Годинава до ова одделение поднесени се три претставки, кои се однесуваат на оваа проблематика, од кои две се однесуваат на продажба на овошје и зеленчук надвор од простор определен за продажба. Една од претставките се однесува на органолептички изменети својства на овошје и зеленчук во маркет во Скопје- велат во Агенцијата.
Според нив нема добиено ниту предупредување од РАССФ.
-Како контакт точка на Системот за брзо предупредување за храна и храна за исхрана на животни (РАССФ) на Европската унија, Агенцијата за храна и ветеринарство досега нема добиено нотификација дека небезбеден производ – банани се пласирани на македонскиот пазар.
Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство вршат контроли на сите пратки кои се увезуваат во земјава, (вклучително и на пратките со банани). Покрај увозот, контроли се вршат и на домашниот пазар со овој прехранбен производ и досега не се евидентирани отстапувања- велат од таму.
Како одговорна институција за безбедноста на храната апелираме граѓаните да не подлегнуваат на инсинуациите кои секојдневно кружат по социјалните мрежи, а се однесуваат на безбедноста на храната. Секоја недоследност доколку сами ја констатираат, апелираме да ја пријават лично до Одделението за заштита на потрошувачите при Агенцијата, или на бесплатната телефонска линија наменета за потрошувачите 0800 3 22 22 или електронски на info@fva.gov.mk.
(В.А.)