Лекарите од Клиниката за Токсикологија се против одлуката итните пациентите да не се препраќаат на клиниките доколку не им се направи брз тест за коронавирус на нивната клиника, објави „НоваТВ“.
Ваква одлука било донесено на состанокот одржан на 11 јуни на Клиниката за кардиологија меѓу директорите неколку скопски клиники, а на која биле присутни и министерот Венко Филипче и директорот на Клиниката за токсикологија, која е и Ургентен интернистички центар и раководителот на Итната медицинска помош.
Според одлуката, пациентите кои се неподвижни и на кои треба да им се издаде Интерклинички упат до друга клиника, мора да се задржат на Токсикологија и да се повика лице од Институт за јавно здравје за да им се направи брз тест на Ковид-19, а останатите кои се подвижни да одат до ИЈЗ, за да им се направи тест.
-Во недостиг на соодветни услови за изолација на ваквите пациенти ќе има зголемен ризик за ширење на инфекцијата на сите пациенти кои ќе бидат амбулантски и хоспитално третирани на клиниката. Дополнително, со ИЈЗ немаме никаков договор, а со изведувањето на овие тестови на нашата клиника , би се изгубило драгоцено време за итно постапување кај одреден број состојби, што е спротивно на правилата на медицинската етика, порачуваат лекарите од Токсикологија.
Тие сметаат дека ваквата одлука ќе создаде големи гужви бидејќи само во ноќните дежурста имаат по 20 пациенти, а има многу здравствени состојбиво кои одлучуваат секунди.
-Замислете пациент со сите знаци на мозочно крварење или пациент со акутна бубрежна инсуфициенција да не смее да се испрати на неврохирург или на дијализа. Тој додека го чека резултатот од тестот може да почине. Ќе има и многу конфликти, велат лекари од клиниката.