Управата за извршување на санкциите преку соопштение посочува дека ги провериле информациите кои биле објавени во некои од медиумите и на социјалните мрежи, а се поврзани со првиот случај на вработен во Казнено-поправна установа позитивен на тест за КОВИД-19.
Тие пишуваат дека затворниот полицаец од КПУ Затвор – Скопје кога не бил на работното место, односно имал слободни денови 09.06 и 10.06.2020 година имал благо покачена температура поради која се јавил кај својата матичка докторка, но истата не сметала дека пациентот има потреба да се тестира за коронавирус бидејќи имал воспалено грло и му препишала медикаментна терапија.
„Кога на 11.06.2020 год. дошол на работа, според утврдениот протокол му е измерена температура, а таа му била во нормала и немало причина за сомнение. Некаде пред 11:00 часот истиот ден, Заповедникот на затворската полиција добил информација за претходната состојба на вработениот со покачена температура, разговарал со него со почитување на дистанца и примена на сите мерки за заштита во присуство на лекарот кој ординира во затворот. Добиени се информации за сите контакти кои ги имал на работното место, за да потоа биде ослободен од работните обврски и упатен дома, а потоа е разговарано со неговата матична докторка со цел да го упати на тестирање и да го оправда отсуството од работа“, пишуваат од таму.
Посочуваат дека сите колеги со кои имал контакт, се исто така упатени кај своите матични доктори откако на 13.06.2020 година е добиен резултат за позитивен тест на овој затворски полицаец и до нивното тестирање сите ќе отсуствуваат од работа, а на нивно место се вклучени други затворски полицајци во работниот процес.
„Кај останатите вработени во установата како и кај притворениците и осудените лица, нема пријавено присуство на било какви симптоми од познатите за КОВИД 19 и работатa се одвива непречено. Доколку има нов развој на настаните дополнително ќе ве информираме“, додаваат за крај.