Пратеникот од единствената македонска партија, Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, во албанскиот парламент, Васил Стерјовски, се приклучи кон групата пратеници од опозицијата кои најавија дека нема да ја гласаат изборната реформа, доколку не се исполнат неколку нивни барања.
Единаесете пратеници од помалите политички партии, кои главно се и лидери на партиите, денеска потпишаа Резолуција во која меѓу другите е и барањето на Стерјовски изборната реформа да предвидува загарантирани места во албанскиот законодавен дом за малцинствата.
-Најпрво се заблагодарувам на моите колеги што ме подржаа во барањето во новиот изборен законик да се предвидат загарантирани квоти за малцинствата. Актуелниот изборен законик е дискириминирачки и не гарантира застапеност на малцинствата. Доколку се гарантираат пратенички места за малцинствата, што го има во многу поразвиени земји, Албанија ќе се вброи во најдемократските земји, изјави Стерјовски по средбата.
Со резолуцијата, која ќе биде доставена и до сите странски дипломатски претставништва во Тирана, меѓу другото се бара Албанија да биде една изборна единица, да има отворени листи, да гласа и дијаспората, да се деполитизираат изборните комисии и одбори, да се
обезбеди електронско броење на гласовите и да нема финансирање на партиите од буџетот на државата.
Договор околу изборната реформа, која е еден од 15-те услови на ЕУ за почеток на преговорите, постигнаа владејачкото мнозинство, вонпарламентарната опозиција и претставник на парламнетарната опозиција, со посредство на странските амбасади пред се амбасадорката на САД, Ким Јунг.
Деновиве премиерот Еди Рама изјави дека недостигаат четири гласа за да може да се изгласа изборната реформа, за што се потребни 84 гласови. Во меѓувреме двајца пратеници од парламентарната опозиција се предомислија па изјавија дека ќе го подржат новиот изборен законик.