Брижит Бардо: Да живее полицијата која нè штити од наездата на џган

Поранешната француска актерка Брижит Бардо, позната по нејзините критики кон општеството и надлежните, ѝ даде поддршка на француската полиција среде протестите во Франција и светот против расизмот и полициското насилство, објавија денес француските медиуми.

„Да живеат оние што храбро и несебично нè штитат, оние што го претставуваат законот на Републиката и се трајно посветени на нас, дење и ноќе, така што наездата на џган не го загрозува населението“, рече актерката во пораката со наслов „Да живее француската полиција!“, што ја објави на „Твитер“.

Француската полиција одржа два митинга во знак на протест против одлуките на министерот за внатрешни работи, Кристоф Кастанер, за укинување на техниката на задушување за време на апсење и нулта толеранција за расизмот.

„Очекувавме поддршка од министерот и сега се чувствуваме како тој да нè напушти“, соопшти полицијата.

Бардо додаде дека се восхитува на храброста на полицајците и го разбира нивниот бунт спрема „еден кутар“ Кастанер.

„Вие што ги делите лекциите, вие кои сте политички коректни, банда кастрирани кукавици, носете се“, додаде актерката за која, инаку, е познато дека не избира зборови во своите критики.

Изјавите и критиките на Бардо, која се повлече на врвот на својата филмска кариера со цел да се посвети исклучиво на борбата за заштита на животните, секогаш привлекува големо медиумско внимание во Франција.

Треба да знаете
Последни објави