Заев: Преспанскиот договор вредеше затоа што станавме членка на НАТО и нѐ донесе поблизу до ЕУ

Денес одминуваат точно две години откако го потпишавме Договорот од Преспа. Денес слободно можеме да кажеме – ВРЕДЕШЕ!, напиша на својот фејсбук профил лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
Вредеше, посочува Заев, затоа што станавме полноправна членка на најсилниот воено-политички сојуз во светот – НАТО. Седиме на иста маса, рамо до рамо со најуспешните, најразвиените и најсилните. Македонската иднина е обезбедена, а границите засекогаш сигурни.
-Вредеше затоа што Преспанскиот договор нѐ донесе чекор поблизу до Европската Унија и конечно ги отворивме вратите на нашата ЕУ интеграција. По 15 години чекање почнуваме преговори за членство. НАТО и ЕУ се наша силна поддршка за развој, но и за соочување со предизвиците и опасностите како што е коронавирусот. Изминатиот период добивме голема помош и поддршка од нив, истакнува Заев.
Вредеше, како што вели,  затоа што денес имаме соседи кои силно нѐ поддржуваат. Во нашиот пат за членство кон НАТО и ЕУ, Грција сега не само што не нѐ блокира, туку и го помага нашето забрзано интегрирање.
-Вредеше затоа што обезбедивме сигурна иднина за нашите деца, развојна економија и нови партнерства и пријателства. Дадовме значаен придонес за стабилноста во регионот и станавме светол пример за сите. Продолжуваме напред!, напиша на Фејсбук претседателот на СДСМ, Зоран Заев.
Треба да знаете
Последни објави