Задолжителното вакцинирање е поддржано од 82 проценти од Европејците, најмногу во Шпанија (94 проценти), а најмалку во Швајцарија (70 проценти), покажува истражувањето објавено денеска од германската фармацевтска група „Стада”.
Истражувањето е спроведено од февруари до март 2020 година, во кое се опфатени 2.000 испитаници од Австрија, Белгија, Германија, Финска, Франција, Италија, Полска, Русија, Србија, Шпанија, Швајцарија и Велика Британија.
Вкупно 42 отсто од испитаниците во Европа изразиле загриженост поради немање вакција за Ковид-19, а 50 отсто се плашат дека некој од нивните блиски ќе се зарази од вирусот или ќе почине.
Резултатите од анкетата, исто така, покажаа дека 61 процент од испитаниците во Европа сметаат дека медицинската нега за време на актуелната криза во нивната земја е позитивна или многу позитивна, наспроти 15 проценти кои ги критикуваат условите за лекување. Највисоки стапки на одобрување се постигнати во Шпанија и Велика Британија.