Изборната реформа, што е една од 15-те услови што Албанија треба да ги исполни за почеток на преговорите со Европска Унија повторно „заглави” поради несогласувањата на членовите на Политичкиот совет за тендерот за биометриска идентификација и изборот на членовите на Централната изборна комисија (ЦИК).
Поради тоа Политичкиот совет не може да го финализира конечниот текст на нацрт изборниот законик, во кој се очекува да бидат наведени сите тендерски модалитети во реализацијата на електронската идентификација. По ова прашање Советот одлучи да добие мислење од Агенцијата за јавни набавки.
Пратеничката Рудина Хајдари, која во Советот ја претставува парламентарната опозиција, ја напушти средбата велејќи дека „не може да остане со часови на разговори за тендерот за електронска идентификација”.
Недоразбирања има и за начинот на избор на членовите на ЦИК, за кои беше договорено да се лица кои веќе поминале преку процесот на ветинг.
Политичкиот совет по повеќе средби и разговори со странските дипломати, посебно американската амбасадорка Јури Ким, на шести овој месец постигна договор за изборната реформа.
Партиите се договорија за 100 отсто електронска идентификација на гласачите на изборите, членови на ЦИК да бидат само лица кои веќе поминале преку процесот на ветинг, а Владата гарантира навремено финансирање онолку колку што е технички можно.
Постигнатиот договор го позравија странските дипломати во Албанија, високи евопски претставници како и државниот секретар на САД, Мајк Помпео.
Но како што минуваа деновите почнаа да се јавуваат несогласувања за деталите во договорот.
Деновиве група опозициски пратеници доставија повеќе барања до Парламентот, Владата и Политичкиот совет, како и до сите странски дипломатски претставништва во Тирана и се заканија дека нема да гласаат доколку не се исполнат нивните барања.
Меѓу нив е и пратеникот од единствената македонска партија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) во албанскиот Парламент, Васил Стерјовски.
– Покрај моето барање, ние уште бараме Албанија да биде една изборна единица, да има отворени листи, да гласа и дијаспората, да се деполитизираат изборните комисии и одбори, да се обезбеди електронско броење на гласовите и да нема финансирање на партиите од буџетот на државата, изјави Стерјовски.
За изгласување на новиот изборен законик потребни се 84 пратеници, а пред некој ден премиерот Еди Рама призна дека за тоа му недостигаат четири гласа.