Министерот за здравство Венко Филипче денеска нагласи дека јавно ќе се објавуваат имињата на тие кои од „икс” причини не може да им се поделат решенијата за изолација, а искуствата, како што вели тој, покажуваат дека луѓето многу често прават отпор, не соработуваат со инспекторите или со епидемиолозите или даваат грешни податоци.
– Членот во законот се вика објавување со јавен оглас само на лицата кои од „икс” причини не им е врачено решението, дале грешни податоци, не може да стигнат инспекторите до нив, прават отпор или не соработуваат. За сите други се делат решенијата така како што е вообичаената постапка и тоа е нешто на што сега интензивно работиме. Се координира работата на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, на службата Мој термин, епидемиолошките служби и ќе имаме дефинитивна одлука, односно форма до крајот на оваа недела, посочи Филипче.
Во однос на тоа зошто некои луѓе се тестираат, а некои не по помината 14 дневна самоизолација поради контакт со заболен со Ковид 19, тој појасни дека по 14-дневната изолација, доколку станува збор за контакт кој не е позитивен тогаш тестирање не е потребно.
– Само доколку е пациент кој имал позитивен тест, тогаш треба да се осигураме дека е негативизиран. Значи после 14 дена може слободно, доколку нема симптоми да се врати на секојдневните активности, додаде Филипче.