Комуникологот Никола Тасев во гостувањето на ТВ 24 истакна дека се избрзало со избори со оглед на здравствената криза во која се наоѓа во моментов државата.
-Народот бара од двете водечки партии да престанат да лажат. Понудите што ќе ги направат да бидат реални, да можат да ги исполнат и да бидат понуди за кои што народот ќе гласа, а потоа ќе го добие тоа назад. Дел од програмите ги слушнавме и претходно, СДСМ најавува две милијарди евра инвестиции, најавува, патишта, 100.000 вработувања, би им порачал да го ветат она што можат да го испорачаат. Луѓето кои што ќе ја ценат сегашната понуда ќе ја гледаат што исполниле досега во изминатите три години. Сите знаеме дека не исполнија многу. Направија неколку политичко уставни промени кои што не беа ветени во програмата и некакви подобрувања на стандардот, но не она што го ветуваа.
Би им порачал на ВМРО-ДПМНЕ да одат со реална програма, нека ги понудат луѓето кои може да ја остварат таа програма, не да одат да ги наоѓаат грешките на СДСМ, тие грешки сите ги знаеме. Луѓе и реална програма само тоа може народот да го препознае.
Битно ќе им биде на двете партии да направат масовна излезност. Мое мислење е дека се избрза со избори. Овие избори постои опасноста да не го покажат вистинското расположение на народот и на гласачите. Многу од луѓето ќе се плашат да излезат на изборите, зборувам за неопределените кои на секои избори ја прават разликата.
Можеби требаше да се најде начин да се вратат старите пратеници, да се врати политичката влада и изборите да се одржеа во октомври или ноември кога оваа криза ќе се стише, изјави Тасев.