Американскиот претседател Доналд Трамп следната недела во Вашингтон ќе разговора со својот полски колега, претседател Анджеј Дуда, а теми на средбата треба да бидат одбраната, трговијата, енергетиката и телекомуникациската безбедност, соопшти Белата куќа.
На средбата, закажана за 24 јуни, се очекува Трамп да ги објави плановите за намалување на американското воено присуство во Германија. Според сегашниот план, барем дел од тие трупи од Германија се очекува да бидат префрлени во Полска.
Трамп во понеделник соопшти дека дефинитивно го намалува бројот на американски војници во Германија на 25.000, од сегашните 34.500.
Американскиот претседател минатата година токму од Овалната соба на Белата куќа на својот полски колега му кажа дека размислува да премести дел од трупите од Германија во Полска.
Тој, исто така, се пожали дека Германија не ги исполнува своите обврски во областа на одбраната во НАТО, додека ја пофали Полска за тоа што ја извршува својата улога.
Дуда се обидува да привлече поголем број американски војници, навестувајќи дека Полска ќе одвои повеќе од две милијарди долари за постојана американска база во земјата.
Германија е една од ретките членки на НАТО што не успеа да ја постигне целта поставена од земјите членки во 2014 година, да одвои најмалку два проценти од БДП за одбрана до 2024 година.
На минатогодишниот самит на НАТО во Лондон, во декември, Трамп подготви ручек за лидерите на земјите членки на НАТО кои издвојуваат два проценти од БДП за одбрана, вклучително и за претседателот на Полска.