Европската комисија го усвои првиот извештај за влијанието на демографските промени, кој дава преглед на состојбата во земјите-членки на ЕУ и долгорочните последици од овие промени.
„Овој извештај е многу важен затоа што без него не би можеле да продолжиме да работиме во мојот оддел“, рече потпретседателката на ЕК, Дубравка Шуица, задолжена за демографија и демократија.
Извештајот беше задача на Шуица во првите шест месеци од мандатот.
Тој всушност е поширока слика за ситуацијата, а сега следи т.н. Зелената книга за стареење, а потоа и долгорочна стратегија за рурален развој.
Зелената книга е вид на документ што го објавува ЕК кој служи како основа за јавни консултации за одредено прашање на европско ниво. Зелената книга може да резултира со објавување на Бела книга во која заклучоците од дебатата се презентирани во форма на предлози за конкретни активности.
Извештајот укажува на намалениот удел на Европејците во светската популација, кој се очекува дека во 2070 ќе биде помал од четири проценти.
Очекуваниот животен век за жените до 2070 година ќе биде во просек 90 години споредено со денешните 83,7 години, а мажите 86 години во однос на денешните 78,2 години.
До 2070 година, 30,3 проценти од европското население ќе биде над 65 години, наспроти 20,3 проценти во 2019 година, а 13,2 проценти од населението ќе биде над 80 (5,8 проценти во 2019 година).
Бројот на активно работно население на возраст меѓу 20 и 64 години опаѓа веќе десет години, а до 2070 година се очекува пад од 18 проценти.
„Кризата откри голем број слаби точки, од кои некои се поврзани со радикалните демографски промени што веќе влијаат врз нашите општества и заедници низ цела Европа“, вели Шуица.
„Справувањето со демографските промени е клучно за градење поправедно и поотпорно општество“, додаде таа.