Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека американската полиција „не е третирана правично” и застана во одбрана на белиот полицаец кој е обвинет за убиство на Афроамериканец.
Полицаецот од Атланта, Герет Ролф, вчера е обвинет за убиство на Афроамериканецот Рајшард Брукс, бидејќи му пукал в грб и, згора на тоа, го удирал веќе легнатиот 27-годишен маж.
Смртта на Брукс доаѓа по помалку од три недели од убиството на Џорџ Флојд, кој во Минеаполис девет минути беше држан со колено на вратот повторно од бел полициец , што потоа предизвика национални немири и протести против полициската бруталност низ целата земја, и во другите земји од светот.
-Мислев дека е ужасна ситуација, но не можете да му се спротивставувате на полицаец, изјави Трамп за смртта на Брукс во интервју за „Фокс њуз”.
Претседателот, исто така, кажа дека „ кај нас кон полицијата не се постапува правилно”.
-Но, повторно ќе кажам, вие не можете на тој начин да му се спротивставите на полицаец. И на крајот влегоа во многу страшно несогласување и видовте како тоа заврши. Многу лошо. Многу лошо, рече Трамп.
Во врска со смртта на Флојд американскиот претседател изјави дека не можел да го догледа речиси деветминутното видео од неговата смрт.
-Кој може тоа да го гледа? запраша тој.
Трамп во вторникот издаде наредба за подобрување на постапувањето на полицијата, повикувајќи на забрана за опасни зафати при приведувања, но не одговори на барањата од националните протести против расизмот и бруталната полиција.
Критичарите, вклучувајќи ја и претседателката на Долниот дом на Конгресот, Нанси Пелоси, директно ги исмеаја неговите напори.
Но Трамп не им остана должен на демократите за време на интервјуто на „Фокс њуз”, потенцирајќи дека „ тие не прават ништо и тие сакаат да се неутрализираат, сакаат да ги отстранат, тие сакаат да ги отстранат полициските оддели”.