Францускиот претседател Емануел Макрон ќе го посети Лондон за да ја одбележи 80-годишнината од историското обраќање на Де Гол пред Французите во Лондон, а ќе се сретне со британскиот премиер Борис Џонсон за да разговараат за односите по брегзит.
Макрон и принцот Чарлс заеднички ќе ја одбележат 80-годишнината од Апелот, историски повик што францускиот генерал Шарл де Гол го упати до Французите преку радио „Би-би-си“ од Лондон на 18 јуни 1940 година, повикувајќи ги на вооружен отпор против нацистичката окупација.
Ова е прво патување на Макрон во странство од воведувањето на карантин во Франција.
Макрон и Џонсон ќе разговараат за пандемијата, вклучувајќи го и наметнувањето на самоизолација за патниците што влегуваат во земјата, како и за брегзит.
Велика Британија ја напушти Унијата на 31 јануари, а Брисел соопшти дека може да се постигне договор за регулирање на односите до крајот на годината, кога истекува преодниот период, но разговорите за регулирање на идните односи се тешки и постои можност да не се постигне договор.