Средбата во Белата куќа дава можност и ја отвора вратата за економски развој и инвестиции, изјави Ричард Гренел, специјален претставник на американскиот претседател за мировните преговори меѓу Косово-Србија, осврнувајќи се на состанокот помеѓу делегациите на Белград и Приштина на 27 јуни во Вашингтон.
-Соединетите американски држави се надеваат дека лидерите на Косово и Србија ќе ја искористат оваа можност да се вратат на дијалогот и да започнат нова ера на стабилност и просперитет. Народите од овој регион не заслужуваат помалку од тоа, изјави Ричард Гренел за српските медиуми.
Денеска делегацијата на ЕУ во Србија најави дека специјалниот претставник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, ќе го посети Белград на 22 и 23 јуни.
-За време на посетата, Лајчак ќе се сретне со клучните српски претставници со кои ќе размени мислења за конкретни следни чекори и модалитети за брзо продолжување на дијалогот со помош на ЕУ, се наведува во соопштението.
Мирослав Лајчак изјави во Приштина дека се создадени услови за продолжување на дијалогот.