Почина проф. д-р Димитар Ќорнаков, историчар на уметноста и публицист

Историчарот на уметноста и публицист проф. д-р Димитар Ќорнаков почина вчера (18 јуни 2020) во 93-тата година од животот. Ќорнаков (1927, Стојаково, Богданечко) е припадник на првата генерација македонски истражувачи на средновековната уметност.
На уметноста на копаничарството и посветил најголем дел од својата истражувачка и научна работа. Темелно го проучувал творештвото на мијачките резбари (копаничари) во црквите и манастирите на Балканскиот Полуостров.
Повеќе од 35 години работел во Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата како историчар на уметноста, а бил и директор на оваа институција. Во последните години од работниот стаж работел во Институтот за старословенска култура во Прилеп. Како стипендист на италијанската влада, во 1962 и 1963  бил на специјализација во Рим, во Централниот институт за реставрација.
Раководел и реализирал проекти за конзервација и реставрација на: Полошкиот манастир „Св. Ѓорѓи”, манастирите  „Св. Преображение” во Зрзе, Прилепско,  „Св. Архангел” во прилепското село Варош, црквите во Охрид – „Св. Богородица Перивлепта” и „Св. Богородица Каменско” и други.
Автор е на голем број монографски книги, меѓу кои: „Творештвото на мијачките резбари на Балканот од крајот на 18  век”; „Македонска резба”; „Македонски манастири”; „Резбарски центри во Македонија”; „Полошки манастир”; „Соборните храмови во Македонија”; „Царски двери”; „Слимнички манастир”; „Копаничарот Димитар Станишев од Крушево”; „Копаничарот Макариј од Галичник”; „Цркви и манастири во Тиквешијата”. Учествувал на повеќе конгреси и симпозиуми во земјава и странство.
Добитник е на национални и меѓународни награди, меѓу кои и на наградите „Св. Климент Охридски” за животно дело од областа на културата и „13 Ноември” на Град Скопје.
Треба да знаете
Последни објави