Бугарскиот тенисер Григор Димитров денес потврди дека е позитивен на КОВИД 19.
Тоа што загрижува повеќе е фактот што Бугаринот вчера играше натпревар против Борна Чориќ во Задар во склоп на „Адриа Тур“. Поради тоа денес е одложено финалето на „Адриа Тур“ помеѓу Новак Ѓоковиќ и и Андреј Рубљов кое требаше да се игра вечерва.
-Здраво на сите. Морам со жалење да ве известам дека сум позитивен на КОВИД-19! Сакам да ги известам сите оние кои биле во контакт со мене во последните денови да се тестираат. Жал ми е што ги загрозив сите со кои бев во контакт, напиша Димитров на Инстаграм.
Димитров минатиот викенд беше во Белград и покрај на тенискиот турнир учествуваше уште на неколку приватни настани заедно со Ѓоковиќ, Доминик Тим, Александар Зверев и многу други тенисери.
https://www.instagram.com/p/CBtKr9dA7wa/
Братот на Новак, Ѓорѓе Ѓоковиќ, како главен организатор прв ја добил информацијата, по што заедно со директорот на турнирот во Задар, Горан Иванишевиќ одлучиле дека е најдобро турнирот да биде прекинат.
-Ова е еден голем шок. Се советувавме со сите надлежни, па одлучивме дека е најдобро сите учесници, сите добри луѓе кои имаа контакт со нас и пред се со Григор, да бидат тестирани. Јас случајно се тестирав пред три дена и иако имав контакт со Григор, бев негативен, изјавил Иванишевиќ.
Тој не сакал да потврди дали ќе бидат откажани останатите планирани турнири во рамките на турнејата.