Тројка новороденчиња во Мексико се позитивни на коронавирус, објавија локалните здравствени власти. Експертите испитуваат дали инфекцијата можела да се пренесе преку плацентата на мајката за време на бременоста.
Две од бебињата, едно момче и еднo девојче, се во стабилна состојба и се наоѓаат во државната болница „Сан Луис Потоси“, но другото момче е поврзано на респиратор.
Портпаролот на државната комисија за здравствена безбедност рече дека станува збор за прв случај во светот каде што е забележана инфекција со Ковид-19 кај тројка новороденчиња.
„Невозможно е тие да се заразиле за време на породувањето“, рече мексиканската секретарка за здравство, Моника Лилјана Рангел Мартинез. Родителите на бебињата се тестирани и сега се чекаат резултати, објави Би-би-си.
Досега во Мексико се пријавени повеќе од 185.000 случаи на коронавирус и 22.584 смртни случаи, а само во последните 24 часа беа регистрирани 4.577 новозаразени.
Тројката, родена предвреме на 17 јуни, била позитивна на коронавирусот на денот на раѓањето.