Новак Ѓоковиќ е позитивен на коронавирус, покажаа тестовите што српскиот тенисер ги направи во Белград веднаш по пристигнувањето од Хрватска каде не се доигра вториот турнир од серијата Адриа тур во Задар, кои ги организираше токму српскиот тенисер. Првиот светски тениски рекет Ѓоковиќ не прифати да биде тестиран во Задар, но веднаш по доаѓањето во Белград се упати кај својот лекар, каде му беа извршени тестови за Covid-19.
Ваквиот исход не е преголемо изненадување ако се знае дека Ѓоковиќ во изминатите денови беше во постојан контакт со Григор Димитров, кој завчера објави дека е позитивен на коронавирус. Тестовите само ги потврдија стравувањата дека и Новак е позитивен на оваа болест, заедно со неговата сопруга Јелена.
Она што е познато е дека член на неговиот тим, кондицискиот тренер, Марко Паникио, кој беше тестиран во Задар, исто така беше позитивен на тестирањето. Тренерот на Новак, Горан Иванишевиќ, беше тестиран првпат пред пет дена, наодите беа негативни, како и оние што беа извршени во последните два дена.
Се започна кога беше откриено дека бугарскиот тенисер Григор Димитров, кој во саботата се откажа од натамошно натпреварување на „Адрија тур” е позитивен на вирусот.
Подоцна беа тестирани уште 22 лица кои беа на турнирот во Задар, и тројца имаа позитивни резултати, хрватскиот тенисер Борна Чориќ, тренерот на Григор Димитров, Кристијан Грох и кондициониот тренер на Ѓоковиќ, Марко Паникио.