Во Москва на Црвениот плоштад се одржува воената парада по повод 75-годишнината од Денот на победата во Втората светска војна. На парадата присуствуваат и претставници на делегации од бројни држави.
Пред прикажувањето на вооружувањето и опремата и дефилето на припадниците на воените единици, се обрати претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин.
Како што е најавено, на 75-та по ред парада учествуваат 14 илјади луѓе, а рускиот министер за одбрана, Сергеј Шолгу, изјави претходно дека Русија повикала војници од 19 земји да учествуваат на дефилето на Црвениот плоштад. На парадата ќе бидат прикажани 225 единици на вооружување, воени и специјални опреми, а во показните вежби на авијацијата ќе учествуваат и 75 авиони.
Посетителите ќе можат да видат повеќе од 20 нови модели на воена опрема, вклучувајќи ги и авионите Су-57 и Миг-31К.
На прославата ќе бидат распоредени околу 6.000 полицајци, кои ќе се погрижат за безбедноста. Некои улици во Москва ќе бидат затворени за сообраќај од 5:30 часот наутро до крајот на прославата, по огнометот што ќе почне во 11 часот навечер и ќе трае 15 минути.
Воената парада по повод прославата на Денот на победата традиционално се одржува на Црвениот плоштад во Москва на секој 9 мај, а оваа година беше одложена за 24 јуни поради пандемијата на коронавирусот. Според претседателот Владимир Путин, овој датум е избран затоа што легендарната парада на победничките војници се одржала на Црвениот плоштад во Москва на тој ден во 1945 година.