Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска ја прими Лаима Андрикиене, шеф на Специјалната изборна оценска мисија на ОБСЕ/ОДИХР за предвремените избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, закажани за 15 јули 2020 година.
На средбата претседателот Пендаровски беше запознаен со планираните активности на мисијата, составена од девет експерти, во насока на набљудување на изборниот процес.
Заблагодарувајќи се за брзото распоредување на оценската мисија, претседателот Пендаровски го реафирмираше своето очекување изборите да бидат спроведени според највисоките стандарди и критериуми, како што доликува на земја-членка на НАТО и земја-кандидат за членство во Европската Унија која треба да ги почне пристапните преговори.
На средбата претседателот Пендаровски изрази поддршка за работата на мисијата и изрази уверување дека нивниот ангажман ќе придонесе за успешен изборен процес, кој поради пандемијата на КОВИД-19 ќе се одвива во специфични услови.