Борел од Еврос: Решени сме да ја заштитиме надворешната граница на Европската унија

Јасно е дека сме решени да ја заштитиме надворешната граница на Европската унија и цврсто да го поддржиме суверенитетот на Грција, рече потпретседателот на Европската комисија и комесарот за надворешна политика и безбедност Џозеп Борел од Еврос, откако со министерот за надворешни работи на Грција Никос Дендиас ја посетија копнената граница со Турција, јави дописничката на МИА од Атина.

Борел, според грчката новинска агенција АНА-МПА, истакнал да сакал со свои очи да ја види ситуацијата кај Еврос, односно на европската граница и додал дека бил информиран од Дендиас, од војската и полицијата за подобро да сфати со што се соочила и со што би можела да се соочи Грција во иднина.

-Грчките интереси се европски интереси. Грчките грижи се поистоветуваат со грижите на ЕУ. Нашата европска солидарност е многу силна, рекол Борел и додал дека „никој повеќе од Грција нема поважни причини да има добрососедски односи со Турција”.

Министерот за надворешни работи на Грција истакна дека тие се секогаш отворени за дијалог со Турција, секогаш во рамките на меѓународното право и морското право, а не, како што рече, под закани или како помош „за легализирање на континуираните прекршувања на законите од страна на Турција”.

-Грција во пракса ја покажа нејзината волја и нејзината способност да ги реши долгогодишните спорови со соседите, врз основа на меѓународното право, морското право и принципите на добрососедски односи, што се „sine qua non” предуслови за секоја членка на ЕУ, но и за земјите што сакаат да се интегрираат во неа, рече Дендиас.

Говорејќи за Еврос, шефот на грчката дипломатија објасни дека „пред помалку од четири месеци, Грците, Европејците и меѓународната заедница беа сведоци на незамислива ситуација – злоупотреба од Турција на надежта за подобар живот на илјадници луѓе”.

Од Еврос, потпретседателот на Европската комисија и комесарот за надворешна политика и безбедност Џозеп Борел, ќе пристигне во Атина каде што попладнево ќе оствари средби и со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и министерот за одбрана Никос Панајотпулос.

Борел, од Грција ќе замине за Кипар на средба со кипарскиот државен врв.

Треба да знаете
Последни објави