ЕБОР ја претставува платформата за онлајн учење за микро, мали и средни компании во време на корона вирус пандемијата
· Платформата обезбедува експертски совети за управување со приходите, со добавувачите и со вработените во кризни ситуации
· Програмата има за цел да стигне до повеќе од 10.000 бизниси во 30 земји
ЕБОР ја започна програмата за бесплатно онлајн учење и советување за микро, малите и средните компании (ММС) соочени со економското влијание од пандемијата од корона вирусот. Овие мали приватни компании се клучни во земјите каде што работи ЕБОР.
Програмата на ЕБОР ,,Научи како да менаџираш во криза” се наоѓа на платформа на банката – The Know How Academy и е централно место каде што претприемачите ќе имаат пристап до обуки и ќе можат да добијат советување за кризен менаџмент од индустриски експерти, а можат да се вклучат и во форуми за дискусија со нивните колеги.
Програмата ќе нуди и специфични локални информации за финансиската помош достапна од владите и банките во 30 земји каде што е ЕБОР присутна.
Создадена од ЕБОР како дел од нејзината силна поддршка за компаниите во сегашната криза, програмата ќе се фокусира на 5 клучни столбови во бизнисот:
1) Кризен менаџмент: Вашите клиенти и добавувачи,
2) Кризен менаџмент: Основи на финансиски менаџмент,
3) Кризен менаџмент: Финансирање на вашата компанија,
4) Кризен менаџмент: Вашите вработени – вашиот клучен капитал,
5) Кризен менаџмент: Предизвици на управувањето и лидерство.
Првите два модули Кризен менаџмент: ,,Вашите клиенти и добавувачи” и ,,Основи на финансиски менаџмент” се веќе достапни на https://www.ebrdknowhowacademy.com/learn. Ќе ви обезбедат совети за тоа како да го одржите во движење кругот на снабдување и наплата и имаат корисни информации за основите на финансискиот менаџмент во време на криза. Останатите три модули ќе бидат достапни наскоро. Програмата е на англиски, арапски, руски, турски и украински јазик.
Во текот на следниве месеци ЕБОР во соработка со партнерските банки и здруженијата за поддршка на бизнисите ќе ја лансира програмата во 30 земји, со цел да биде достапна до повеќе од 10.000 луѓе од ММС компании нудејќи обуки, споделување на знаење и експертски совети.
ЕБОР е силно посветена кон помагање на малите бизниси во овие непредвидливи времиња за да развијат механизми да закрепнат и да ги надминат предизвиците. Без оглед на големината на вашата компанија, платформата на ЕБОР ќе ви понуди практична помош.
Во регионите каде што работи ЕБОР иницијативата е финансирана од Европската Унија (вклучувајќи го и Европскиот инвестициски советодавен хаб), Казахстан и Импакт фондот за мали бизниси на ЕБОР (Италија, Јапонија, Кореа, Луксембург, Швајцарија, Шведска, УСА, Таипеи Кина).