Министерството за здравство во изминатите три години интензивно работеше на подобрување на условите во јавно здравствените установи, со цел поквалитетна здравствена услуга за пациентите и подобри услови за работа на здравствените работници. Реализирани се капитални инцестиции во реконструкции и инфраструктура во 32 здравствени установи ширум земјата.
Со планот, како што соопштија од Министерството, беа опфатени: Клиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар (ТОАРИЛУЦ), Клиниката за дигестивна хирургија, за хематологија, за пластична и реконструктивна хирургија, за неврохирургија, за ендокринологија, за психијатрија, за торакална и васкуларна хирургија, за очни болести, гинеколошко акушерската клиника, Заводот за слух, говор и глас, за детски болести, Институтот за трансфузиона медицина, Специјализираната болница за белодробни заболувања и ТБЦ-Лешок, Поликлиниката Железара, како и болничкиот оддел на Клиниката за гастроентерохепатологија.
Реновирани се двете гинеколошки операциони сали во Специјалната болница за гинекологија и акушерство „Мајка Тереза” во Чаир. Во Здравствениот дом во Велес, Битола и Македонски Брод целосно се обновени Службите за Итна медицинска помош.
Во 2019 година, отворен е новиот Ургентен центар во Куманово, новиот Кардиоваскуларен центар во Градската општа болница „8 Септември”, нов Центар за рани интервенции и третман кај деца со нарушувања од аутистичниот спектар во Охрид, како и новото одделение за акутни состојби во Психијатриската болница-Негорци. Изграден е и нов машки павилјон во Психијатриската болница во Демир Хисар.
Во три јавно-здравствени установи, во Општата болница во Куманово, Клиниката за гинекологија и акушерство и во Клиничката болница Тетово се отворија три центри за упатување на жртви од сексуално насилство, како и шест Роса школи за родителство во Скопје, Гостивар, Битола, Струмица, Куманово и Охрид.
Во поликлиниките „Чаир” и „Ѓорче Петров”, вакциналните пунктови се комплетно реновирани. Завршена е првата фаза од реконструкцијата во Специјалната болница по хируршки болести „Св. Наум Охридски” и изградено е ново крило во Општата болница во Струмица. Во 2019 година се отвори „Родителска куќа”, наменета за родители чии деца се на подолг престој во болница, а не живеат во Скопје.
Здравството е еден од клучите столбови во државата. Корона кризата само го потврди тоа. Инвестициите во сите сегменти во здравството се највиоск приоритет за градење на одржлив и квалитетен здравствен систем за граѓаните, стои во соопштението од Министерството за здравство.