Со низа свечености во Словенија се одбележува 25 Јуни или Денот на државноста. На денешен ден 1991 година, словенечкото Собрание ја донесе Декларацијата за независност, која беше основа за прогласувањето на независноста од поранешна Југославија. Еден ден подоцна започна е десетдневен вооружен конфликт со Југословенската народна армија (ЈНА) која подоцна се повлече од веќе Република Словенија.
Традиционална секоја година на денешен ден за граѓаните се отвораат и портите на Претседателската палата во Љубљана.
Централната прослава на Конгресниот плоштад се одржа синоќа, а претседателот Борут Пахор во говорот повика на зачувување на демократијата во земјата.
– Денес го празнуваме раѓањето на словенечката држава. Без демократија Словенија немаше да постои. Брз демократија нашата земја нема да има светла иднина, заклучи Пахор.
Државниот секретар на Соединетите Американски Држави Мајк Помпео беше меѓу првите политичари кој на Словенија и го честиташе државниот празник. Делиме исти вредности, државите добро соработуваат, а плановите се да ја прошириме соработката и на други полиња, напиша Помпео во честита испратена до словенечкиот политички врв.
Инаку, оваа година се одржа и паралелна прослава на Денот на државноста, а во медиумите имаше многу реакции по одлуката на Владата на Јанез Јанша, годинава од организацијата на прослава да се исклучат партизанските и Здруженијата на борците.