Белорускиот претседател Александар Лукашенко денеска обвини неименувани сили во Русија и Полска за мешање во претстојните претседателски избори во неговата земја, на кои тој ќе се трка за својот шести последователен мандат.
На средба со дипломати Лукашенко изјави дека „господари на куклите” во двете држави стојат зад неговите противници, кои имаат намера да се кандидираат на изборите, закажани за 9 август.
Лукашенко додаде дека „одвратни” лажни приказни за него и неговото семејство се шират низ Белорусија, во рамките на предизборната кампања на странска инволвираност.
-За тоа наскоро ќе разговараме со рускиот претседател Владимир Путин, кога ќе се сретнеме, но оваа состојба е многу комплицирана, бидејќи се користат најсофистицирани технологии за лажни вести, рече Лукашенко.
Кремљ денеска ги отфрли овие обвинувања на Лукашенко. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, кажа дека Русија „никогаш не се мешала, не се меша и не планира да се меша” во изборите во другите земји и додаде дека Минск треба да изнесе „аргументи” за тврдењата.
Како што се приближуваат изборите, белоруските власти ги интензивираа активностите против опозицијата, апсејќи околу 360 опозициски активисти за време на масовните протести низ целата земја.
Меѓу уапсените е и популарниот блогер Сергеј Тихановски, кој собираше потписи за кандидатура на неговата сопруга на претседателските избори, која кажа дека таа и нејзините деца добивале закани.
Властите минатата недела го уапсија и потенцијалниот претседателски кандидат Виктор Бабарико, кого многумина го сметаат за најголем ривал на Лукашенко. Бабарико е поранешен директор на руската банка „Белгазпромбанк”.