Светската здравствена организација (СЗО) предупреди дека за првпат во последните неколку месеци во Европа се забележува зголемување на неделно ниво на бројот на случаи на заразени со коронавирус.
-Забрзан пренос е регистриран во 11 европски земји, во кои е предизвикан значителен раст на заразени, што доколку се остави без надзор повторно ќе ги уназади здравствените системи во Европа, изјави директорот на СЗО за Европа, д-р Ханс Клуге, пренесе Би-Би-Си.
Како земји со забрзан пренос на заразата СЗО ги посочи Албанија, Ерменија, Азербејџан, Босна и Херцеговина, Казахстан, Киргистан, Косово, Северна Македонија, Молдавија, Шведска и Украина.
Амбасадорите на ЕУ неделава ќе разговораат за повторното отворање на надворешните граници на блокот на 1 јули. Еден од критериумите што земјите-членки го разгледуваат е да се дозволи патување само на патници од одредени земји, меѓу кои нема да се најдат земјите со висока стапка на инфекција, вклучувајќи ги и САД, Русија и Бразил.